Интервју со г-ѓа Слаѓана Милутиновиќ, извршен директор на GS1 Македонија

Jim Spittle

Г-ѓа Милутиновиќ, GS1 Македонија во последните 25 години активно работи на промовирање на GS1 стандардите кај македонските компании, не само во сегментот на транспортот и логистиката, туку во сите сегменти и сите индустриски гранки. Дали сметате дека македонските компании се спремни да ги имплементираат GS1 стандардите и кои се придобивките од ваквата имплементација?


Портфолиото на системот на GS1 стандардите е сèопфатно и GS1 Македонија во изминатиов период се трудеше на најдобар можен начин да го претстави на македонската бизнис заедница од сите сектори. Сметам дека имаме добар одзив и се поголем пробив во секојдневното моделирање на бизнис процесите, бидејќи свеста за нивната потреба и придобивките кои искуствено ги осознале нашите компании се големи.

Денес е незамисливо модерноте работењето во сите сектори од производниот и непроизводниот сектор без користењето на GS1 стандардите, кои се меѓународно прифатени, глобални стандарди за ефикасно водење на бизнисот.

Долг е списокот на придобивките кои ги имаат самите компании со употребата на баркодовите во дистрибутивниот синџир, осовременување на деловното работење, намалување на трошоците, зголемување продуктивноста, профитабилноста и конкурентноста, а индиректно има големо позитивно влијание и на целата економија.

Со примената на GS1 стандардите во компаниите се подобрува процесот на работење и се зголемува ефикасноста, артиклите се опремуваат и се оспособуваат за извоз и за трговските објекти, се подобрува контролата во дистрибуцијата на стоките, се подобрува контролата на процесот на производство, бидејќи постои запис за состојбата на залихите, што придонесува за намалување на трошоците, се намалуваат трошоците на администрацијата и во дистрибуцијата, се обезбедува примената на законската обврска за следливост, особено во прехрамбената и фармацевтската индустрија што придонесува за поголема заштита на потрошувачите и пациентите.

GS1 стандардите нудат алатки за осовременување на бизнис работењето и воведување иновативни технологии, како што се: EDI (Electronic Data Interchange), што значи електронска размена на документи помеѓу деловните партнери; воведување на RFID технологија, што значи дека преку вградените чипови во производите и соодветни читачи, може безконтактно, на далечина со помош на радио фреквентни бранови да се идентификуваат поголем број производи, а сето тоа допринесува за обезбедување на следливоста и забрзување на процесите во транспортот и логистиката.


Многу често првиот пат кога компаниите се соочуваат од потребата за стандардизација е при нивните обиди за влез на производот во супермаркетите или при извоз во странство. Дали сметате дека македонските компании треба да ги имплементираат GS1 стандардите независно од барањата, бидејќи придобивките се големи несомнено дали се на барање на странски трговски партнери или се од сопствената желба на компанијата за раст и развој?


Крајна цел на секој творечки труд е создавање нова вредност која своја верификација добива на пазарот. Светската глобализацијата продуцира сè поголеми потешкотии за македонското стопанство во верификација на својот труд и пласман на своите производи.

Светската трговија не прифаќа стока што не е баркодирана, па така и кај нас баркодирањето стана обврска што ја наметнува пазарот. Македонските компании можат многу да направат за својот бизнис раст и зголемување на својата конкурентност на домашниот и странскиот пазар, доколку ги баркодираат своите производи и ги користат GS1 стандардите.

GS1 системот е еден од тие, глобално признаени системи кој ги користи GS1 стандардите на полето на автоматската идентификација и пренос на информациите во синџирот на снабдувањето, па македонските компании се повеќе ги користат GS1 стандардите поради сопствената желба за раст и развој.


Дали сметате дека конкретните стандарди во транспортот и логистиката (логистичката етикета, GS1-128 бар кодовите на пакетите, GLN броевите при електронската размена на документи) им го олеснуваат начинот на работа на компаниите и дали имаме примери во нашата земја за компании кои имаат вакви имплементации?


Живееме во четвртата индустриска револуција и нема сомнеж дека индустријата доживува големи промени. Најдобар начин да одговориме на овие предизвици е да ѝ дадеме предност на технологијата во вкупното работење – да ги интегрираме процесот на создавање нови производи, производството, маркетингот, дистрибуцијата и продажбата во единствен деловен модел. Тие што сакаат да бидат конкурентни мора да се брзи и флексибилни за да се приспособат на променливите потреби на купувачот.

Кога станува збор за трендовите во дистрибуцијата, клучна е автоматизацијата – особено кај складирањето и кај транспортот и примената на новите технологии. Во нашата Република има голем број компании кои ги користат овие стандарди и имаат големи бенефити од нивната примена. Позитивни примери за нивна имплементација ќе имаме можност и денес да чуеме од презентерите на настанов.


Вие сте организаторот на овој настан. Дали сметате дека во нашата земја има доволно подигната свест за потребата од стандардизација во секторот транспорт и логистика и дали би требало почесто да се случуваат овие настани?


Со оглед дека „Знаењето е моќ“, сметам дека треба постојано да се организираат настани како што е денешниов, на кои компаниите би се едуцирале, би разменувале сопствени искуства.

Ние во GS1 Македонија посветено и со ентузијазам работиме на подигнување на свеста за потребата од стандардизација. Сметам дека досега имаме голем успех во тоа, и оптимист сум дека македонските компани се повеќе ќе ги користат GS1 стандардите.

Зголемувањето на ефикасноста во синџирот на снабдување е од круцијална важност. Најефикасен синџир на снабдување подразбира да се осигури вистинскиот производ, на вистинско место, по вистинска цена, за вистински потрошувач, во вистинско време и во вистински количини. Што е тоа „вистинско“ - секоја организација тоа сама треба да си го одлучи, во зависност од природата на работата, деловните цели и опкружувањето во кое работи.


Подемот на е-трговијата овозможува зголемено користење на GS1 стандардите во секојдневното работење, дали би можеле да ни кажете кои се Вашите сознанија и појасните кои се бенефитите од нивното користење од страна на е-трговците?


Сите заедно можеме да го забрзаме растот на нашата земја доколку ги примениме дигиталните технологии, дигиталните алатки, реализираме дигитализација во сите области.

Развојот на онлајн-трговијата која, од една страна, им дава можност на производителите да комуницираат директно со потрошувачите, а од друга, бара имплементација на нови модели и начини за организирање на дистрибуцијата за да се приспособи на промените што постојано се случуваат.

Според последните податоци 36% од македонските граѓани со пристап до интернет вршат онлајн-нарачки. Во земјава има потенцијал за раст на е-трговијата. Интересот за е-трговија сѐ повеќе расте и се зголемува, како што покажуваат и потрошените 84 милиони евра во првата половина од оваа година, при што е забележан раст од 26 отсто во однос на тој период лани. Особено радува фактот што се зголемува и процентот на нарачки кон домашни онлајн-продавници во однос на нарачките од странство.

Најдобар одговор на прашањето би бил доколку го потенцирам фактот дека најголемите светски платформи за е-трговија : Alibaba, Amazon, eBay, Google ја препознаваат корисноста од употребата на GS1 бар кодот (GTIN), кој е единствен задолжителен идентификатор на секој нов производ кој го продаваат преку нив. Од наведените светски најголеми платформи за е-трговија, чекор понапред е отиден Alibaba, кој своите купувачи на артикли на неговиот портал ги упатува да ја користат GS1 GDSN (GS1 Global Data Synchronization Network), т.е. Глобалната мрежа за синхронизација на податоците, која е дел од портфолиото на GS1 Глобалната организација. Тоа е иднината на забрзаната примена на GS1 стандардите кај е-трговијата.


На крај, земајќи го во предвид вашето искуство во работењето со голем дел од македонските компании што би ги посоветувале компаниите и какви се вашите предвидувања? Дали сметате дека македонските компании имаат шанса да се натпреваруваат со светските играчи на интернационалните пазари?


Зголемувањето на конкурентноста на македонското стопанство поставува сè поголеми предизвици. Без оглед на темпото на политичките и економските промени, потребно е што поскоро да се осознаат и применат новите технологии во деловното работење, за стопанството да биде подготвено за влез на европскиот и светскиот пазар.

Глобализацијата на светскиот пазар ја продуцираше денешната реалност - трговијата не познава граници, а пазарите одамна не се повеќе локални. Законите, правилата, препораките, стандардите, и покрај тоа што изгледаат како ограничувачки фактор, тие се донесени за да ни го олеснат животот, го одредуваат степенот на нашиот развој, не заштитуваат од злоупотреби, градејќи ја меѓусебната доверба меѓу деловните партнери.

Многу е важно и воведувањето на нови технологии. Нашите компании морааат постојано да барааат можности за натамошен развој на пазарот. Новите технологии во денешно време им се достапни на повеќе компании и тие имаат додадена вредност за намалување на трошоците, скратување на времето потребно да се заврши некоја задача, намалување на резервите и зголемување на обемот на работење. Тие што успешно ги користат ќе имаат компетитивна предност и поголеми шанси за успех.

Доколку нашите компании озбилно пристапат кон развојот и примената на GS1 системот на стандарди во нивното деловното работење и тоа го прифатат како неопходност, детерминирана од безкомпромисната пазарна конкуренција, глобализацијата, дигитализацијата, неминовно ќе придонесе за нивно побрзо приспособување кон современите светски стандарди, е-бизнисот и е-трговијата, а со тоа ќе имаат поголеми шанси да бидат поконкурентни на домашниот и на светскиот пазар.

Доколку сите ние посакуваме нашата земја и стопанството да бидат развојно ориентирани и нивно што побрзо вклучување во меѓународните текови на електронското водење на бизнис, неопходно е активно вклучување и континуирано учество на големите фирми и научни институции од нашата земја со своите научни, стручни, техничко-технолошки и информатички капацитети. Во таа иницијатива треба да бидат вклучени и надлежните државни органи, ресорните владини тела, агенции кои би допринеле на развојот на е-бизнисот преку донесување соодветни регулативи за да се овозможи реализација на овие цели.

Сметам дека имаме огромен потенцијал за уште поголем и позабрзан раст, но за да го вклучиме тој потенцијал клучно е во нашата земја да имаме квалитетно партнерство и холистички пристап помеѓу Владата, невладините организации, реалниот сектор, академијата, едукациските центри. Дигиталната економијата е предизвик за сите земји и носи огромни можности за раст. Клучно е да се инвестира во овој сегмент бидејќи бројките покажуваат дека ова е иднината на економскиот развој на нашата земја.